Чавез нема да положи заклетва во четврток

Венецуелскиот претседател Уго Чавез нема да ја положи заклетвата за новиот претседателски мандат на 10-ти јануари како што е предвидено со уставот и тоа ќе го стори подоцна пред Врховниот суд, објави претседателот на парламентот Дисодадо Кабељо.

Претседателот на Венецуела, Уго Чавез, кој од 10-ти декември се наоѓа на Куба поради операција од рецидив на канцерот, бараше по препорака на неговиот лекарски тим да биде објавено дека постоперативниот процес на опоравување ќе трае и по 10-ти јануари, па оттаму не може на тој датум да се појави пред парламентот на положување на закелтвата, изјави Кабељо пред пратениците.

Според членот 231 од венецуелскиот устав „полагањето на заклетвата ќе се одвива подоцна пред судот“, додал спикерот на парламентот Кабељо.

Шефот на венецуелската опозиција Енрике Каприлес бараше во вторникот од Врховниот суд да се изјасни за можна институционална криза доколку претседателот Уго Чавез не дојде во четврток на полагање на заклетвата.

Потпретседателот Николас Мадуро изјави дека Чавез може да ја положи заклетвата штом неговото здравје тоа ќе го дозволи, како и дека свеченоста на 10-ти јануари е „само формалност“.

Каприлес тврди дека на 10-ти јануари завршува еден претседателски мандат и почнува втор, и доколку претседателот не пристигне, тој престанува да ја извршува должноста.

Во вторникот навечер САД му посакаа на Чавез брзо заздравување.

„Загрижени сме за неговото здравје, како што би биле за секој кој боледува како тој и му посакуваме брзо опоравување“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Викторија Нуланд чија земја е во многу затегнати односи со Венецуела.

Нуланд минатата седмица изјави дека Вашингтон нема да се вмешува во можната политичка транзиција во Венецуела и додаде дека САД воспоставија врска Венецуелците од сите политички убедувања.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: