Астероидот Апофис, кој во 2029 и 2036 година би требало прилично да и се приближи на Земјата, оваа ноќ околу два часот по македонско време би требало да прелета најблиску до нашата планета оваа година.
Астрономите внимателно го следат минувањето на астероидот кој првпат го привлече нивното внимание во 2004 година, а ноќеска ќе прелета на оддалеченост од 14,5 милиони километри.
Апофис е долг отприлика 300 метри, масата му се проценува на 27 милиони тони, а кога бил откриен било констатирано дека постои голема можност да удри во Земјата во 2036 година.
Таа можност подоцна е отфрлена, по деталните пресметки за неговото движење. И покрај тоа, научниците сè уште внимателно го следат бидејќи „е многу важно да дознаат што повеќе за објектот кога ќе се приближи доволно за физички опсервации“, порачуваат од НАСА.
За февруари се предвидени дополнителни набљудувања кои ќе овозможат увид во уште некои детали за орбитата на Апофис.
Кога сепак би удрил во Земјата, овој астероид би предизвикал удар од 141 мегатон што е речиси трипати повеќе од ударот на најголемата нуклеарна бомба било кога тестирана.