Николиќ и Дачиќ едногласно ја прифатија платформата за Косово

Српскиот претседател Томислав Николиќ во среда изјави дека Србија покажала едногласен став и единство по прашањето на Косово и Метохија и порача дека делумно е смирен бидејќи големата обврска и товар што ги носел и презел заедно со Владата, денеска е исполнета.

„Србија барем денеска на седница на Владата покажа дека зад еден документ може да застане едногласно со сите ограничувања и стравувања што некој ги има кога разговара за Косово и Метохија и во секакво надевање, со оглед дека помина многу време и дека она што денеска го работиме е минимум во однос на она што можевме да го добиеме пред неколку години и максимум од она што можеме да го добиеме за неколку години“, рече Николиќ.
Тој додаде дека сега останува Собранието на Србија да се изјасни по документот и се надева дека пратениците ќе ја разберат важноста на моментот и својата одговорност бидејќи станува збор за предлог-резолуција што не е обичен закон околу кој се пазари и се стекнуваат политички поени.
Николиќ порача дека ја поддржува Владата и дека во ниту еден момент нема да се тргне настрана од процесот на решавање на косовското прашање.
„Сакам да и помогнам на Владата и што и да им треба можат да ми се обратат бидејќи денеска бев на седница на Владата која заслужува да и се помогне“, рече Николиќ.
Премиерот Ивица Дачиќ истакна дека на заедничката седница меѓу претседателот и Владата е искажано целосно државно единство кога станува збор за платформата за Косово и Метохија.
Дачиќ соопшти дека платформата нема да биде објавена во јавност.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: