НАТО нема да учествува во воена операција во Мали

НАТО нема да интервенира во решавањето на кризата во Мали и нема планови да стане дел од меѓународната воена операција во оваа африканска земја, изјави во средата во Брисел портпаролот на НАТО.

 

Претходно беше објавено дека челникот на Африканската унија, претседателот на Бенин Бони Јаји го повика НАТО да испрати војници коишто ќе  учествуваат во од Обединетите нации одобрената воена операција во Мали, каде што властите се борат со сепаратистите и исламистите коишто го окупираа северниот дел на земјата.

„Нема ниту прашање, ниту дискусија за можната улога на НАТО во Мали“, изјави портпаролот на Алијансата

Советот за безбедност при ОН во декември 2012 година, одобри испраќање на 3.300 војници на африканските сили (AFISMA) во Мали. Според резолуцијата ана Советот за безбедност на ОН, целите на силите на AFISMA, кои се испратени во Мали со мандат од една година, се да се помогне во преструктуирањето на одбраната и безбедносните сили на земјата, обновување на нормалниот живот во северниот дел на земјата кој е под контрола на терористички, екстремистички и вооружени групи, како и да им помогнат на тамошните власти да ги надминат проблемот со заштита на локалното население и обезбедување хуманитарна помош за погодените.

Претставниците на двете исламистички фракции, Aзавад (Еднобошци и џихад) и Ансар ал-Дин (Бранителите на исламот), во мај 2012 година потпишаа договор со кој се предвидува обединување на силите за формирање независна исламска држава. Групацијата Ансар ал-Дин претходно не ја поддржуваше идејата за формирање одделна држава на Туарезите во северниот дел на Мали.

Ансар ал-Дин е вооружена исламистичка група поврзана со терористичката организација Ал Каеда во земјите на исламскиот Магреб, одговорна за многу бомбашки напади и киднапирања особено во северна Африка.

Националното движење за ослободување на Aзавад, пак, е исламистичка група којашто ја сочинуваат припадници на племето Туарег. Во почетокот на април, милитантите од движењето ја прогласија независноста на регионот Азавад. Сепак, соседните африкански земји, вклучувајќи го и Алжир, одбиваат да ја признаат независноста на северниот дел на Мали.

Во Мали, на 22-ри март беше изведен воен удар. Претставниците на командата на бунтовниците соопштија дека го тргнаа од власта претседателот Амаду Тумани Туре, бидејќи биле незадоволни од неговиот одговор на вооруженото племенско востание на Туарезите во северниот дел од земјата.

По воениот удар, се разгоре и бунтот на туарешките племиња во северот на земјата. Тие ја презедоа контролата од главните градови, како Тимбукту, Гао и Кидали во регионот Азавад.

Градот Тимбукту сега е во рацете на Ансар ал-Дин и на Ал Каеда на исламскиот Магреб (AQMI). Мохамед Алфул, кој се претставува како припадник на AQMI во Тимбукту, историски град кој е прогласен за светско културно наследство, го оправдува вандализмот со уривањето на тамошните мавзолеи, бидејќи сѐ што не е ислам „не е добро и човек мора да му се поклонува само на Бог”.

Во јули 2012 година исламистите од Ансар Дина и AQMI кои почитувањето на светците го сметаа за „идолопоклонство”, ја предизвикаа осудата на меѓународната заедница уништувајќи ги најстарите мавзолеи во Тимбукту, како и оние во кругот на најголемата џамија во градот.

Уништување на спомениците започна во Мали во јули кога припадници на радикалното исламистичко движење Ансар ал-Дин (Бранителите на верата) го уништија мавзолејот на шеикот Махмуд во Тимбукту и две други гробници на важни свети личности за исламот. Тие изјавија дека имаат намера да ги уништи сите 16 гробници коишто се вброени во списокот на светското културно наследство на УНЕСКО.

Пронајдете не на следниве мрежи: