Британија ги повлече заканите за упад во амбасадата на Еквадор

Велика Британија ја повлече заканата за упад во еквадорската амбасада во Лондон, за да го уапси основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж, каде тој се засолни, изјави еквадорскиот претседател Рафаел Кореа.

„Ние сметаме дека овој несреќен инцидент, по тешката дипломатска грешка на Британците во која рекоа дека ќе влезат во нашата амбасада“, изјави претседателот Рафаел Кореа во своето редовно неделно обраќање до нацијата во саботата навечер.

Еквадорската влада соопшти дека примила „известување од британското министерство за надворешни работи, во коешто се вели дека нема закани за влегување во амбасадата“.

Британската влада го предизвика гневот на Еквадор кога предупреди дека би можела да го поништи дипломатскиот интегритет на еквадорската амбасада во Лондон за да може да влезе во неа и да го приведе Џулијан Асанж за да го испорача на Шведска. Асанж веќе два месеца се наоѓа во зградата на амбасадата на Еквадор, каде му беше одобрен политички азил, со кој сака да го избегне неговото израчување на шведските власти каде се бара за сослушување по обвиненијата против него за силување и сексуално вознемирување. Тој стравува дека Шведска би можела да го екстрадира на САД, каде би можело да му биде судено за шпионажа поради тоа што неговиот интернет ресурс WikiLeaks последните две години објави повеќе стотици илјади тајни документи за војните во Ирак и Авганистан, како и тајната дипломатска преписка на американскиот Стејт департмент.

Еквадор побара од Велика Британија да ги повлече заканите. Последниот потег би требало да придонесе за подобрување на затегнатите односи меѓу Кито и Лондон и да овозможи натамошни разговори за судбината на Асанж.

Засега, меѓутоа, Асанж останува заточеник во еквадорската амбасада во Лондон, а британската полиција е разместена околу зградата. Британците изјавија дека се решителни да ја исполнат својата меѓународна правна обврска за екстрадиција на Асанж на Шведска. 

makfaks

Пронајдете не на следниве мрежи: