Жените од опозицијата во Того со секс штрајк сакаат да го соборат претседателот

 

Женското крило на организацијата за заштита на граѓанските права, која се бори за соборување од власта на претседателот на Того, ги повика жените од оваа земја на еднонеделен секс штрајк, соопштија американските медиуми.

 

Адвокатот Изабел Амеганви, лидер на женското крило на организацијата „Да го спасиме Того“, ги повика жените од денеска да ги лишат од секс своите сопрузи или партнери за да извршат притисок врз мажите за да се кренат против претседателот Фор Гнасингбе.

 

Таа во интервју за локалните медиуми изјави дека нејзината група го следи примерот на жените од Либерија, кои прибегнаа кон секс штрајкот во кампањата за мир во 2003 година.

 

-Имаме многу начини да ги принудиме мажите да сфатат што сакаат жените во Того, изјави таа.

 

Штрајкот беше објавен на митингот во саботата во главниот град Ломе, организиран од коалиција која протестира против неодамнешните изборни реформи, што, според опозицијата, ќе и олеснат на партијата на Гнасингбе да победи на парламентарните избори во октомври.

 

Гнасингбе дојде на власт во 2005 година по смртта на татко му Јадема Гнасингбе, кој со оваа западноафриканска земја управуваше 38 години.

 

На митингот во саботата лидерот на опозициската Национална алијанса за промени Жан-Пјер Фабр побара оставка од Гнасингбе, но се пошегува дека една недела без секс е премногу и пред насмеаните неколку илјади присутни предложи пократок период за апстиненција.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: