Националната конвенција на Републиканската партија на којашто Мит Ромни и официјално ќе стане партиски кандидат за американските претседателски избори во ноември, во понеделникот накусо симболично беше отворена и веднаш потоа одложена за еден ден.
Претседателот на Републиканскиот национален комитет Реинс Приебус официјално ја отвори конвенцијата во 14 часот по источноамериканско време, за веднаш потоа да прогласи пауза во работата на конвенцијата.
До откажување на активностите предвидени за понеделникот дојде поради невремето кое во понеделникот го зафати брегот на Флорида, каде се наоѓа градот Тампа во кој се одржува републиканската конвенција.
Конвенцијата со работа ќе започне во вторник и ќе трае до четврток, кога на делегатите ќе им се обрати Мит Ромни.
Поради тропската бура Исак, којашто во понеделникот се засили на ураган од втора категорија, пред доаѓањето на копното меѓу американските сојузни држави Флорида и Луизијана, властите прогласија вонредна состојба во двете држави, како и во соседните Мисисипи и Алабама. Според соопштението на Националниот центар за урагани во Мајами, се очекува дека Исак ќе биде проследен со ветрови со брзина од 160 километри на час, кога во ноќта од вторник кон среда ќе пристигне на копното.
Во понеделникот републиканците го покренаа својот „должнички часовник“ кој ќе го бележи растот на американското национален долг во текот на нивната конвенција. Неопходноста од намалување на долгот и буџетскиот дефицит, како предуслови за излегувањето од кризата, се меѓу главните теми на претседателската кампања на Ромни.
Приебус ги повика сопартијцитте на молитва за сите оние коишто ќе се најдат на патот на ураганот и оние коишто се грижат за безбедноста на конвенцијата, истакнувајќи дека без оглед на невремето пораката на конвенцијата останува дека „сите Американци заслужуваат подобра иднина“. Во полупразната сала на делегатите им беше прикажан кус филм за кандидатот Мит Ромни.
makfaks
Пронајдете не на следниве мрежи: