Јубилејниот 40-ти Шарпланински куп ќе се одржи од 22-24 февруари

Јубилејното 40-тото издание на  најстарата скијачка манифестација во Македонија – Шарпланински куп ќе се одржи од 22 до 24 февруари оваа година.Ова традиционално натпреварување и оваа година ќе биде под покровителство на Владата на Република Македонија, генерален спонзор АД Електрани на Македонија, спонзори Македонски Телеком и МЕПСО.

Директор на натпреварот повторно ќе биде скијачката легенда- Бојан Крижај, а учесниците ќе се натпреваруваат во две трки во машка конкуренција – велеслалом и слалом,  на патеките Орлова и Езерино на Попова Шапка.

Победникот, покрај паричната награда, традиционално ќе добие и куче шарпланинец, што е дел од славеничкиот ритуал на оваа манифестација.
Со цел да се искористи потенцијалот на Попова Шапка, АД Електрани на Македонија изработија Мастер План за инвестиции во овој туристички центар кој план го усвои Владата, со што се создаваат услови од идната година Шарпланинскиот куп повторно да се кандидира за натпревар за Европскиот куп, а Македонија да биде на мапата на важните интернационални спортски збиднувања.

„На моја особена радост, Шарпланинскиот куп годинава го прославува своето 40 то јубилејно издание, играјќи голема улога во популаризацијата на овој спорт, со години наназад, обединувајќи врвни скијачки имиња и овозможувајќи одлични натпревари на патеките на Попова Шапка. Се надеваме дека оваа година ќе има уште поголем одзив и дека учество ќе земат поголем број на скијачи, а особено македонски натпреварувачи. Се трудиме да обезбедиме најдобри услови за квалитетен натпревар, земајќи ги во предвид искуствата и  укажувањата од експертите од минатите години. Се надеваме на успешно јубилејно издание и продолжување на традицијата на купот уште долги години“, изјави Претседателот на Организацискиот одбор, Димитар Танурков.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: