„Арго“ награден и од Здружението на филмски и телевизиски актери

Филмот за иранската заложничка драма „Арго“ има најдобар филмски кастинг, според гласовите на американското Здружение на филмски и телевизиски актери, додека за најдобри глумци се прогласени Даниел Деј-Луис и Џенифер Лоренс.Ова е втора награда за „Арго“ во два дена, откако во саботата за најдобар филм го прогласи и американското Здружение на продуценти. Благодарејќи на тие награди, на „Арго“ му се зголемени шансите во трката и за Оскар во категоријата за најдобар филм.

Доделувањето на наградите на Здружението на филмски и телевизиски актери е внимателно следено во пресрет на Оскарите, бидејќи глумците ја сочинуваат најголемата група гласачи на Американската академија.
Даниел Деј-Луис е награден за портретот на американскиот претседател Абрахам Линколн, со тоа потврдувајќи ја кандидатурата за главен кандидат за Оскар.

„Абрахам Линколн го уби глумец, па затоа е прикладно повремено некој глумец да му вдахне живот“, рече Луис, примајќи ја наградата.
Џенифер Лоренс е прогласена за најдобра актерка за улогата во филмот „Во добро и лошо“.

За најдобар спореден глумец е прогласен Томи Ли Џонс за улогата на радикалниот конгресмен Тадеуш Стивенс во „Линколн“, додека наградата за најдобра споредна глумица и припадна на Ен Хатевеј за улогата на Фантина во мјузиклот „Клетници“.

Наградата за животно дело ја доби Дик Ван Дјук.

Според гласовите на глумците, најдобар кастинг имаат сериите „Downton Abbey“ во категоријата драмски и „Модерно семејство“ во категоријата комични серии.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: