Автобусите и тролејбусите во Атина во понеделникот трет ден по ред не сообраќаат, соопштија синдикатите. Вработените во јавниот превоз во грчката престолнина со тоа влегоа во десетиот ден од штрајкот.Синдикатот на возачите, следејќи ги примерот на другите синдикати, ја игнорираше одлуката на судот објавена за време на викендот со која штрајкот на возачите на автобуси и тролејбуси беше прогласен за нелегален.
Транспортните работници протестираат против намалувањето на нивните плати, како и во знак на солидарноста со вработените во атинското метро. Минатата седмица работниците во метрото во Атина го прекинаа деветдневниот протест откако владата објави граѓанска мобилизација, при што вработените во метрото добија покани да се јават на работните места, во спротивно им се закануваат санкции.
Во меѓувреме, продолжува и штрајкот на работниците на грчката железница и приградските линии во Атина, а раководството на железницата , исто така, се обидува да издејствува овој штрајк да биде прогласен за незаконски.
Од сите видови јавен транспорт во Атина, според нормалниот распоред во понеделникот функционираат само метрото и трамваите, чии работници владата ги принуди да се вратат на работа.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: