Мнозинството Словенци против владата на Јанша

Високи 80 отсто од Словенците не ја поддржуваат актуелната влада и сметаат дека излезот од сегашната политичка криза е во формирање на ново парламентарно мнозинство и заминување на премиерот Јанез Јанша или предвремени избори.

Ова го покажаа две анкети објавени во понеделник, точно по една година откако Јанша на 28 јануари минатата година положи заклетва како нов претседател на владата.

Дека не ја поддржуваат владата се изјасниле 80 отсто од испитаниците во анкетата спроведена минатата недела, а чии резултати во понеделникот ги објави Факултетот за применети општествени истражувања од Нова Горица. Според истата анкета, 46 отсто од испитаниците сметаат дека решение за владината криза е во предвремени избори, без оглед што тоа ќе предизвика привремен застој во реформите.

Останатите испитаници сметаат дека сегашната влада на десниот центар би можела да функционира уште извесен период, по што Јанша би ја отстапил премиерската функција на некој друг, што тој досега тоа неколку пати го одби.

Според анкетата што ја објави „Дело“, 62 отсто од Словенците не веруваат дека владата на Јанша ќе биде оперативна, откако ја напушти една од партиите во коалицијата, а излез најавија уште две владејачки партии.

Заради тоа, 70 отсто сметаат дека сегашниот премиер би требало да побара гласање доверба во парламентот. Јанша минатиот четврток тоа го одби.

Владината криза во Словенија започна на почетокот на месецот откако Антикорупциската комисија објави извештај во кој словенечкиот премиер немаше покритие за дел од имотната состојба.

Јанша изјави дека станува збор за политичка пресметка со него.

 

Макфакс

 

Пронајдете не на следниве мрежи: