Јужна Кореја е погодена од уште еден тајфун и тоа само ден по ударот на тајфунот Болавен, во кој загинаа или исчезнаа околу 20 лица, јавија светските агенции.
Јужна Кореја издаде предупредување за тајфун во многу јужни делови на земјата поради силниот ветар и силниот дожд кои ги носи новиот тајфун наречен Тембин, јави националната агенција за вонредни состојби.
Тајфунот Тембин е послаб од претходниот Болавен, но сепак, 170 летови се откажани поради невремето.
Новото невреме ја спречува и потрагата за седуммина рибари од два кинески брода кои удрија во карпа при тајфунот Болавен. Осуммина рибари загинаа, а 18 беа спасени, додека по седуммината се уште се трага.
Крајбрежната стража јави дека потрагата во четврток е запрена поради високите бранови, што ги предизвикаа тајфунот Тембин.
И Северна Кореја се наоѓа на патеката на Тембин, која се уште се опоравува од поплавите кон што ја зафатија кон крајот на јуни, како и од претходниот тајфун.
Се очекува Тембин да ослаби додека стигне до Северна Кореја, но сепак силните дождови можат да предизвикаат тешки последици поради лошиот одвод во земјата, голите површини без дрвја и руинираните инфраструктури.
Севернокорејската државна новинска агенција KCNA јави дека во провинциите Хвангае и Кангвон би можеле денеска да паднат и 70 мм дожд.
Од Северна Кореја нема извештаи за бројот на исчезнати или загинати од Болавен, иако има информации за урнати далноводи, поплавени патишта и куќи и уништени обработливи површини.
Повеќе од 170 луѓе загинаа во Северна Кореја во поплавите кон крајот на јуни, а десетици илјади домови беа уништени.
Пронајдете не на следниве мрежи: