Веруваме дека во секоја ситуација сакате да оставите впечаток на убаво средена и негувана дама. Прочитајте ги советите и не дозволувајте да направите банални грешки при шминкање или при нега на телото.
ЦРВЕНА КОСА, ЦРНИ ВЕЃИ
Ако сакате црвена коса, која е најтешка за одржување, тогаш мора да ги бојадисате и веѓите во истата нијанса. Ако не го направите тоа, автоматски си додавате барем 10 години, а воедно ќе изгледате неуредно и запуштено.
Внимание: црвената коса бара порцелански тен и светли очи.
ТЕМНО ЛИЦЕ, СВЕТЛО ТЕЛО
Ако веќе сакате да ставите потемна пудра, не прескокнувајте ги вратот и деколтето. Многу лошо изгледа кога лицето ви е темно, а вратот бел.
Внимание: главата и телото се целина, никогаш не ги гледајте одвоено!
КОРЕКТОР ПОСВЕТОЛ ЗА ТРИ НИЈАНСИ
Со претерано светол коректор не само што нема да ги сокриете подочниците, туку и ќе ги истакнете. Притоа ќе изгледате неприродно.
Внимание: коректорот треба да биде во боја на вашата кожа или за нијанса потемен.
ПРЕДОЛГИ НОКТИ
Многу долги нокти се одлика на лош стил, бидејќи колку и да се негувани, ќе изгледаат невкусно. Уште ако ги налакирате со појак лак, ќе изгледаат евтино.
Внимание: не се дозволени до корен изгрицкани нокти и несредени кутикули.
ОГРОМНА СИЛИКОНСКА УСТА
Се повеќе девојки се со огромни усни. Поради тоа сите тие изгледаат исто, а императив на добриот стил е индивидуалноста. Со така неумерено надувани усни ќе личите на карикатура, и тоа неуспешна.
Внимание: ако имате такви усни, со ништо не можете да го поправите впечатокот.
ПРЕТЕНКИ ВЕЃИ
Соголената аркада и тенките веѓи во форма на полумесечина прават да изгледате постаро и вештачки. Не смеете да си дозволите да личите на глумица од јапонски театар.
Внимание: исто така не треба да ги запуштите.
БЛАНШИРАНА КОСА
Неприродно бела и од бланш исушена коса е директна асоцијација на порно-индустрија. А колку што е косата подолга, толку е пострашен впечатокот. Императив на добриот стил е здрава и негувана коса.
Внимание: особено дегутантна е комбинацијата на таква коса и на кварцан тен.
ИСПРЖЕНИ ВО СОЛАРИУМ
Од умерената употреба на солариум тенот ги губи сјајот и свежината и добива неприродна маслинесто-сива нијанса.
Внимание: кожата испржена од солариум уште полошо изгледа со шминка.
ИЗРАСТОК ПОГОЛЕМ ОД ЕДЕН САНТИМЕТАР
Ако веќе решивте целосно да ја смените бојата, тогаш морате да ја бојадисувате редовно. Впечатливиот израсток изгледа неуредно, а жената што си дозволува да го има остава впечаток на запуштена личност.
Внимание: мајката природа ретко греши, па поубаво и полесно е да ја бојадисувате во боја слична на вашата природна.
ПРЕМНОГУ МАСКАРА
Со претерано количество маскара дефинитивно ќе изгледате како бубашваба. сосема доволен е еден слој, а за навечер евентуално два за убаво да ги истакнете очите. На тој начин ќе го избегнете ризикот да ви се појават грутки на трепките.
Внимание: речиси сите современи маскари се квалитетни и имаат добри четкички.
ИЗЕДЕН КАРМИН
Ако користите кармин во интензивна боја, редовно поправајте го. „Изедениот“ кармин на усните и темните рабови што останале изгледаат исклучително неуредно.
Внимание: не е според бонтон да го поправате карминот на јавно место, морате тоа да го правите во тоалетот.
МИРИС НА ТЕЛОТО
Не смеете да си дозволите на јавно место да мирисате на пот, чад од цигари или на мирис од кујна. Пред да излезете од дома, задолжително истуширајте се.
Внимание: сапунот, водата и дезодорансот се закон!
ПОДРАСНАТИ НАДУСНИЦИ
Недепилирани надусници, особено ако се и потемни, апсолутно не се дозволени. А кога преку нив ќе ставите и пудра, ќе ја направите најголемата грешка на вашето лице.
Внимание: лентите за депилирање не се скапи.
АКЦЕНТ И НА ОЧИ И НА УСНИ
Истовремено нагласување на очите и на усните изгледа невкусно. Евентуално можете да изведете нешто такво за Нова година, и тоа ако сте екстравагантни. Ретки се жените што знаат да носат тешка шминка.
Внимание: на младо лице јаката шминка изгледа комично.