Пад на индустриските активности во еврозоната 13-ти месец по ред

Индустриските активности во еврозоната во август се намалени тринаесетти месец по ред, и тоа повеќе од претходно проценетото, иако по нешто пониска стапка во однос на претходниот месец, објави во понеделникот компанијата Markit.

Финалниот индекс на менаџери на набавка (ПМИ) за индустрискиот сектор на лондонската истражувачка куќа во август изнесувал 45,1 поен, благо зајакнувајќи од минатиот месец, кога беше забележано најниското ниво во изминатите 37 месеци од 44 поени.

Индексот ПМИ, кој опфаќа илјадници производители во 17-члената еврозона, е полош од првичната проценка од 45,3 поени. Вредноста под 50 поени укажува на пад на активностите.

„Конечниот индекс за август потврдува дека индустрискиот сектор на еврозоната цврсто се држи во негатива територија. Стапката на пад на индустриските активности е нешто послаба во однос на јули, што влева мала надеж дека можеби кризата слабее во индустрискиот сектор. Но овој сектор сепак ќе биде товар за бруто домашниот производ во третиот квартал“, стои во извештајот.

„Раст на индустриското производство забележан е единствен во Ирска, додека големите економии како Франција и Германија повторно бележат пад. Состојбата во Италија предизвикува загриженост“, изјави Роб Добсон, виш економист во Markit.

макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: