Американскиот претседател Барак Обама во понеделникот вети помош за погодените од ураганот „Исак“ откако ја посети поплавената зона во Луизијана, прекинувајќи ја на неколку часа својата изборна кампања за да ги изврши претседателските должности.
Во ЛаПлејс, 50 километри западно од Њу Орлеанс, Обама пристигна во понеделникот доцна попладне и разговараше со локалните власти, меѓу кои и гувернерот Боби Џиндал, за потоа да ги посети населбите што настрадаа од високиот водостој минатата недела.
И покрај големата материјална штета, Обама изрази задоволство што во налетот на „Исак“ немало човечки жртви и ја пофали брзината со која сојузните и локалните власти се мобилизирале, потсетувајќи дека „некогаш во минатото немало таква соработка потребна за ваков вид катастрофи.
Во американската јавност сеуште владее критиката за бавната реакција на администрацијата на екс-претседателот Џорџ Буш по ураганот „Катрина“ во 2005 година, кога загинаа 1.800 лица.
„Исак“ ја погоди Луизијана на 28 август, седум години по „Катрина“.
Обама во четврток ќе ја прифати претседателската номинација од Демократската партија на конвенцијата во Шарлот во Северна Каролина.
макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: