Еден убиен и еден ранет на говорот на новата премиерка на Квебек

Едно лице е убиено и едно рането ноќта кон средата по македонско време во пукотници во текот на говорот на новата премиерка на франкофонската канадска покраина Квебек, Полин Мароа откако нејзината партија победи на парламентарните избори.

Канадската полиција ја заштитила новата премиерка тргнувајќи ја од бината и потоа ја испразнила салата „Метрополис“ во која приврзаниците на Квебешката партија ја славеа победата на парламентарните избори кои се одржаа во вторникот по канадско време.

Напаѓачот е уапсен, а додека го спроведувале со лисици на рацете повикувал „Англичаните се будат!“ . Други детали од нападот засега не се познати.
Сепаратистичката Квебешка партија која се залага за самостојност на франкофонската  канадска покраина Квебек победи на изборите, но ќе има доволно мандати само за составување малцинска влада, објавија локалните медиуми. Според првичните резултати, партијата освоила 58 од 125-те меса во парламентот на Квебек.

Доколку се потврдат овие резултати, како што прогнозира Reuters, на новата власт ќе и’ биде речиси невозможно да организира референдум за независност на Квебек. Меѓутоа, победничката партија може да биде задоволна, бидејќи по девет години во опозиција ја победи владејачката Либерална партија на досегашниот премиер Жан Шарест, која освои 48 мандати.

Лидерката на Квебешката партија, Полин Мароа ќе стане првата жена премиер во историјата на Квебек, „Иднината на Квебек е иднина на суверена земја“, изјави Мароа непосредно пред инцидентот во салата.

Нејзината партија двапати досега параше изјаснување за независност на Квебек од Канада, во 1980 и во 1995 година, но на референдумот и во двата наврата победија партиите кои сакаат останување во Канада, На референдумот во 1995 година тоа беше со тесно мнозинство, 50,6 наспроти 49,2 отсто, но од тогаш поддршката за независноста значително опадна и во последните петнаесетина година варира меѓу 38 и 43 отсто.

Канадскиот премиер Стивен Харпер и’ честиташе на Мароа на победата и изрази надеж дека таквиот изборен резултат нема повторно да го отвори прашањето за независноста на Квебек,

„Не верувам дека граѓаните на Квебек сакаат повторно да се отвораат уставните прашања од минатото. Нашата влада ќе остане фокусирана на прашањата за вработувањата и економскиот развој и сметам дека тоа се најважните прашања и за Квебечаните“, порача Харпер додавајќи дека со ковата квебешка влада ќе работи на остварувањето на тие цели.

веста е преземена во договор со:

https://www.makfax.com.mk/

 

Пронајдете не на следниве мрежи: