Штимац: Не ме плаши ниту еден македонски играч

 

Селекторот на хрватската фудбалска репрезентација, Игор Штимац, полн со оптимизам, го чека утрешниот меч со Македонија, со кој двете селекции ќе го започнат квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Бразил.

Штимац, кој во четвртокот наполни 45 години, смета дека победа против Македонија во петочниот дуел ќе му биде најубавиот роденденски поклон. 

„Сите сме подготвени, доколку играчите на натпреварот се однесуваат како на тренинзите тогаш со сигурност ќе ја победиме Македонија“, рече Штимац на прес конференцијата во Загреб. 

Хрватскиот селектор рече дека не се плаши од ниту еден македонски фудбалер и продолжи: „Овде игра само Хрватска. Немам повеќе никакви дилеми ги знам почетните 11-мина. Кај играчите забележав дека сакаат да ја презентираат Хрватска во најдобро светло. Мораме да бидеме убедливи.“ 

Инаку, македонскиот селектор, кој против Хрватска ќе дебитира на функцијата, по пристигнувањето во Загреб се пошегува велејќи дека Сирија, поради безбедносни причини повеќе го плаши од Хрватска. 

„Не го познавам македонскиот селектор, но знам дека и тој се докажува. Имам полесна задача поради тоа што јас имам подобри играчи. Полн сум со самодоверба и свесен сум дека кога сме фокусирани, можеме да играме со било која светска репрезентација“, заклучи Штимац. 

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: