Францускиот производител на автомобили „Renault“ му подари на папата Бенедикт Шеснаесетти две возила коишто целосно се движат на електричен погон, не ја загадуваат околината и работат тивко, соопшти во четвртокот Ватикан.
Двата мали папамобила, еден во бела а другиот во сина боја, ќе му служат за патувања на Папата и на ватиканската безбедносна служба. Папата во нив ќе се превезува внатре во Ватикан и во паркот на летната резиденција Кастел Гандолфо, 25 километри југоисточно од Рим, појасни портпаролот на Ватикан, монсињор Федрико Ломбарди.
Германскиот папа со световно име Јозеф Рајтцингер е познат по грижата за околината и чистите енергии, како што нагласи Ломбарди.
Малото бело возило од моделот „кангу макси ZE“ со папските ознаки ќе служи и за покуси патувања меѓу двете цркви надвор од Ватикан.
Возилата на Папата му биле врачени во средата во неговата летна резиденција и тој веднаш се повозил со нови, секако како патник. Во Ватикан и во Кастел Гандолфо поставени се осум приклучоци за полнење на електричните возила.
Папамобилите на „Renault“ не се блиндирани и нема да бидат користени за патувања во странство, меѓутоа имаат подвижен покрив, па Папата може да му отпоздравува на насобраната маса додека минува низ Ватикан.
Пронајдете не на следниве мрежи: