17 години затвор за подведување малолетничка од “Ранка Милановиќ“

Казна затвор во траење од 17 години на првообвинетата М.Д. за трговија со штитеничка на Домот за деца “Ранка Милановиќ“ од Скопје и изрече Апелациониот суд Скопје. Нејзините помагачи ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години.
Советот на судии во Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата поднесена од Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со изречената пресуда во предметот со штитеничката на Домот за деца “Ранка Милановиќ“ – Скопје.
Во декември минатата година надлежниот Јавен обвинител поднесе жалба, незадоволен од висината на изречената казна за кривично дело Трговија со дете со која тројцата обвинети, по признание на вина, беа осудени на казна затвор и тоа М.Д. во траење од 13 години, а Е.Ј. и С.Р. од по 12 години. Иако првостепениот суд пресуди затворски казни за сторителите, Јавниот обвинител ценеше дека при определување на висината на казната, судот ги преценил олеснителните околности, на сметка на отежителните, па казните по својата висина не се соодветни и не претставуваат адекватен општествен прекор упатен кон обвинетите.
Апелациониот суд Скопје, уважувајќи ја жалбата на Обвинителството, ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на првообвинетата и изрече казна затвор во траење од 17 години, а другите две лица ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.