Италијанската десничарска популистичка опозициска партија Лега Норд пред касациониот суд во Рим поднесе во петокот барање за референдум за повторно основање на Европската унија, објавија италијанските медиуми.
Партијата Лега Норд се залага за референдум на кој Италијанците би се одлучиле за трансформација од заедница на држави во заедница на народи и региони.
Од Европската унија би биле исклучени регионите коишто немаат избалансиран буџет, бара италијанската десничарска партија. Тоа автоматски би значело дека јужните италијански јужни региони би останале надвор од ЕУ, толкува во петокот миланскиот дневен весник Corriere della Sera.
Касациониот суд сега мора да ја провери правната втемеленост на ова барање за референдум, а доколку одржувањето на референдумот навистина биде дозволено, тој би можел да се одржи заедно со парламентарните избори идната пролет.
„ЕУ мора да се претвори во Европа на регионите и народите. Тоа значи дека веќе нема да има држави. Лега Норд не е против Европа, ние сме евроскептични и еврокритички, бидејќи еврозоната во сегашната верзија не функционира. Европа покажа дека не може да ја надвладее кризата. Со ЕУ доминираат само технократите“, изјави претседателот на партијата, Роберто Марони.
Лега Норд е единствената партија во италијанскиот парламент која не ја поддржува технократската влада на премиерот Марио Монти.
Преземено од Макфакс.
Пронајдете не на следниве мрежи: