Канада ја затвори амбасадата во Иран и ги протера иранските дипломати

 

Канада ги суспендираше дипломатските односи со Иран и ги протера иранските дипломати од нејзината територија, пренесе во петокот националната телевизиска мрежа CBC повикувајќи се на изјава канадскиот министер за надворешни работи Џон Берд

„Канада ја затвори својата амбасада во Иран, што веднаш стапи на сила, а за непожелни ги прогласи сите преостанати ирански дипломати во Канада“, се наведува во писмената изјава на шефот на канадската дипломатија. Се додава дека дипломатите треба да ја напуштат Канада во рок од пет дена.

„Канадскиот став во однос на режимот во Иран е добро познат. Канада иранската влада ја гледа како најзначајна закана за глобалниот мир во денешниот свет“, вели Берд.

Во изјавата се потсетува на иранската поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, неисполнувањето на резолуциите на Обединетите нации во врска со иранската нуклеарна програма и заканите за Израел.

Се апострофира, исто така, и „отвореното непочитување“ на Виенската конвенција, којашто ја гарантира заштитата на дипломатскиот персонал.

Преземено од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: