Хамилтон доминираше во Монца

 

Возачот на Мекларен Луис Хамилтон е победник на трката за ГН на Италија, 13-та трка во првенството на Ф1.

Хамилтон до третата победа оваа сезона, 20-та во кариерата, дојде откако легендарната патека во Монца ја мина со време од 1:19:41.221 часа. 

Трката во Монца ја одбележа извонредното возење на пилотот на Мекларен, кој стартуваше од пол позицијата и речиси цело време беше во водство. 

Втор низ целта мина пилотот на Заубер Серхио Перез, кој се реши за стратегија со едно застанување во боксот, додека домашниот миленик на Ферари Фернандо Алонсо заврши како трет. 

Интересно првите тројца во Монца, пред една недела белгиското гран при го завршија во првата кривина, по инцидентот кој го предизвика Роман Грожан. 

Хамилтон на својот тим му ја донесе третата последовна победа во сезоната, а воедно стана првиот Британец по 1997 година кој победил во Монца, тогаш најдобар беше Дејвид Култхард. 

Трагичари на трката се Џенсон Батон, кој во моментот кога сигурно го држеше второто место се откажа поради механички проблеми, а истото му се случи и на Себастијан Фетел.  

Покрај најдобрите тројца бодови во Монца освоија: Фелипе Маса (Ферари), Кими Раиконен (Лотус), Михаел Шумахер (Мерцедес), Нико Розберг (Мерцедес), Пол ди Реста (Форс Индија), Камуи Кобајаши (Заубер) и Бруно Сена (Вилијамс). 

Лидер во генералниот пласман е Алонсо со 179 бодови, 37 повеќе од Хамилтон, трет е Раиконен со 141 бод, зад нив следуваат Фетел (140), Вебер (132) и Батон (101). 

Кај конструкторите води Ред Бул со 272 бода, пред Мекларен 243, Ферари 226 и Лотус 217. 

Следната трка ќе се вози во Сингапур на 30. септември. 

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: