Над 20 лица загинати во серија бомбашки напади во Ирак

 

Најмалку 24 луѓе загинаа во неделата во Ирак во серија експлозии во разни делови од земјата, јави Reuters повикувајќи се на локалната полиција.

Станува збор за десетина експлозии, од кои според локалните медиуми најсериозниот напад се одиграл во близината на градот Киркук, кој се наоѓа во северниот дел на земјата. Билансот на жртвите таму е најмалку 11 загинати и околу 17 ранети лица.

Како што пренесува Associated Press, експлозијата ја предизвикал бомбаш-самоубиец. Во нападот меѓу настраданите најмногу се регрути кои се собрале во близина на воена база за да се приклучат во редовите на ирачката армија.

Покрај тоа, според Reuters, вооружени лица нападналe воена база во селото Дуџаил Ед. Во гранатирањето загинале најмалку 11 војници, а седум се повредени.

Две автомобил-бомби експлодирале во градот Насиријах, кој се наоѓа 300 километри јужно од главниот град Багдад. Една експлозивна направа експлодирала во близина на францускиот конзулат, при што се повредени две лица.

Минатиот петок, во серија експлозии во близина на шиитска џамија во Киркук, загинаа најмалку осум лица, а повеќе од 30 беа ранети.

Терористички напади се случиле и во градовите Самара, Басра и Туз-Хурмату.

Зголемените тензии во Ирак се поврзани со историските спротивставеност на двете најголеми муслиманските заедници – сунитите и шиитите. Според пописот од 1997 година, 66 отсто од населението на Ирак се шиитски муслимани, а 34 се сунити. За време на владеењето на сунитот Садам Хусеин, сунитите ја имаа доминантна позиција во владата на Ирак. Сепак и по воената инвазија врз Ирак во 2003 година, со која Хусеин беше симнат од власт, сунитите ги потиснаа шиитите, заземајќи голем број важни јавни функции, меѓу кои една од највлијателните е премиерската функција.

Преземено од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: