Мареј го освои својот прв Грен слем

Енди Мареј, во епско финале, ја освои титулата на УС Опен, победувајќи го Новак Ѓоковиќ со 3:2 (7:6, 7:5, 2:6, 3:6, 6:2), по речиси пет часа игра.

Шкотланѓанецот ја освои својата прва грен слем титула во кариерата, откако претходно четири пати губеше во финалињата на најголемите турнири и стана првиот Британец по Фред Пери во 1936 година кој освои грен слем титула. 

Фантастичен прв сет одиграа двајцата тенисери, кој Мареј по 87 минути игра го доби во тај брејк. Британецот одлично започна и во вториот сет, стигна до 4:0 и 5:2, но Ѓоковиќ се врати во мечот израмни на 5:5. Мари го доби својот сервис во 11-от гем, а потоа во 12-от направи брејк и поведе со 2:0. 

Ѓоковиќ потоа влезе во вистински ритам и речиси без мака ги доби следните два сета со што израмни на 2:2. 

Во решавачкиот петти сет Мареј веднаш на почетокот му го одзеде сервисот на противникот, што на крајот се покажа како клучно за конечниот победник. 

Двајцата играчи имаа тешки услови за игра, по силниот ветер Мареј подобар се снајде, нешто што го покажа и во полуфиналето против Бердих. 

Мареј на крајот имаше 31 винер и 56 неизнудени грешки, додека Ѓоковиќ имаше 40 директни поени и 65 грешки.

„Разочаран сум поради поразот, но длабоко во себе знам дека го дадов максимумот. Дадов се од себе за да се вратам во мечот и победам, но против себе имав голем ривал. Заслужи да освои грен слем повеќе од било кого поради тоа што годинава беше најдобар. Порано беше толку близу, загуби во четири финалиња. Сега успеа и му честитам“, рече Ѓоковиќ. 

Британецот по победата не можеше да ги сокрие солзите, заблагодарувајќи му се на својот тренер Иван Лендл. 

„Неверојатни беа условите во кои игравме. Подобро се снајдов на силниот ветер. За мене ова беше психолошки тежок меч, игравме речиси пет часа“, рече Шкотланѓанецот. 

Енди Мареј со победата во Њујорк на најновата АТП листа на третото место го мина Рафаел Надал. 

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: