Баросо: ЕУ мора да стане федерација

Претседателот на Европската комисија (ЕК), Жозе Мануел Баросо, во средата, во својот говор прет пратениците во Европскиот парламент (ЕП) се заложи за јакнење на федералната компонента на Унијата и најави измени во Лисабонскиот договор.

„Европа се наоѓа во длабока политичка, економска и општествена криза, којашто истовремено е и криза на довербата“, констатираше Баросо во програмскиот говор на пленарната седница, на ЕП во Стразбур.

Тој предупреди дека ниту една европска држава, без оглед на големината, не може сама да се натпреварува со силите какви што се САД и Кина, и дека тие мора да останат заедно.

„Кога бродот ќе налета на бура, од екипажот се бара апсолутна лојалност“, рече Баросо, чиј 45-минутен говор често бил прекинуван со ракоплескање од парламентарците.

Претседателот на ЕК се заложи за довршување на економската и монетарната унија, што би бил прв чекор кон банкарската унија, но и чекор за натамошна трансформација на ЕУ во европска федерација.

„Ќе градиме федерација на национални држави, а не супердржава“, рече Баросо, со напомена дека тоа не може да се оствари без измени во Лисабонскиот договор.

Тој најави дека ЕК пред следните избори кои се закажани за 2014 година ќе предложи нацрт на новиот договор.

Баросо предупреди на растечката опасност од национализмот и популизмот, коишто, како што рече, се хранат со тековната политичка и економска криза.

Претседателот на ЕК рече и дека треба да се зајакнат европските дипломатски и одбранбени капацитети, со што ЕУ би станала сериозен играч на глобалната политичка сцена, дополнувајќи дека одбраната на ЕУ не смее да биде препуштена на националисти и популисти.

Баросо во својот говор се заложи и за одбрана на европските вредности и основните човекови права.

„Кај нас не испраќаме две-три девојки во затвор само поради тоа што исмеале политички лидер“, рече тој алудирајќи на случајот со руската женска панк група „Пуси Рајот“, кои се осудени на затворски казни само поради тоа што во својата песма го исмеаја рускиот претседател Владимир Путин.

Првиот човек на ЕК ги повика парламентарците да превземат одговорност за својата улога во реформирањето и јакнењето на ЕУ.

макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: