Џенсон Батон, шампионот од 2009 година во шампионатот на Формула 1, на седум трки до крајот на тековната сезона нема многу шанси да се вмеша во борбата за титулата.
Батон во генералниот пласман има 78 бодови помалку од лидерот Фернандо Алонсо, поради тоа светските медиуми шпекулираат дека од Мекларен ќе побараат тој до крајот на сезоната да вози за клупскиот колега Луис Хамилтон.
Победникот на две трки годинава (Австралија и Белгија) нема намера да ги слуша тимските наредби, доколку воопшто ги има.
„Свесен сум за гласините во медиумите. Искрено, не очекувам дека такво нешто ќе се случи, некој од мене да побара до крајот на првенството да возам за Хамилтон, за тој да стигне до подобар пласман. Доколку добијам такво барање, мојот одговор ќе биде кус. Немам намера никому да му помогнам, исто како што и самиот не барам помош. Имам намера до крајот да се натпреварувам и да возам најдобро што можам, ќе се обидам да победам на секоја трка, без оглед на тоа што ги загубив шансите за титулата“, рече Батон.
Хамилтон за разлика од Батон има шанси да ја освои титулата од лидерот Алонсо, тој има 37 бодови помалку.
Луис Хамилтон и Џенсон Батон оваа сезона имаат забележано пет победи за тимот на Мекларен, екипа која доминира на последните три трки со победите во Унгарија, Белгија и Италија.
Следната трка, 14-та во шампионатот на Формула 1, ќе биде Големата награда на Сингапур, единствената ноќна трка на програмата е на 23-ти септември.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: