Билансот на жртвите во Чешка, од труење со незаконски произведен алкохол во домашни услови, достигна 18 лица јавува чешката новинска агенција CTK во четвртокот. Последниот случај е забележан во Хавиржов, каде што починал старец.
Во средата чешките здравствени власти потврдија 16 смртни случаи од труење со алкохол. Во моментов, 24 лица се хоспитализирани поради труење со метанол, луѓето се здобиле тешки заболувања, некои од жртвите ослепеле.
Чешкиот министерот за здравство Леош Гегер, за агенцијата CTK во четвртокот изјави дека „во последните 24 часа има забележано пет случаи на сомневање за труење со метил алкохол”.
Седумнаесетта жртва на неквалитетниот алкохол е жена од градот Острава, која починала во локалната болница. „Таа веќе беше во бесознание, кога беше донесена во болницата. Полицијата заплени од куќата на жената шише со остатоци алкохол“, изјави портпаролката на полицијата во Острава, Габриела Голчакова, додавајќи дека шишето немало заштитна бандерола.
Чешкиот министерот за здравство Леош Гегер, говорејќи во средата во телевизиското обраќање на националната телевизија, рече дека е поведена сериозна истрага за „епидемијата“ со труење со метанол. Владата формираше специјален анти-кризен центар во врска со масовното труење со метанол и смртните случаи предизвикани со тоа.
Во составот на антикризниот центар на чешката влада се вклучени претставничка на министерството за здравство, заменик министерот за внатрешни работи, заменикот министер за земјоделство, заменик-министерот за индустрија и трговија, генералниот директор на Царинската управа и шефот на чешката.
Кабинетот на премиерот Петр Нечас ја забрани продажба на алкохолни пијалаци со 30 и повеќе отсто алкохол , поради зголемувањето на случаите на труење со метил алкохол. Забраната важи за барови, кафулиња, ресторани и другите угостителски објекти.
Чешкиот премиер, исто така, предупреди дека „непочитувањето на забраната ќе биде строго казнето со парични казни или затворање на угостителскиот објект“.
Како што пренесува CTK, веднаш по официјалната најава за оваа забрана, на улиците на чешките градови се испратени специјални полициски тимови кои ќе го следат нејзиното спроведување.
Претставник на Државната инспекција за земјоделство и храна, Мартин Кланица, претходно во четвртокот за чешкото државно радио изјави дека смртоносната доза метанол во алкохолни пијалаци не може да биде резултат на лошата дестилација или ферментација, така што властите не се занимаваат со оние што произведуваат алкохол во домашни услови, туку трагаат по големо тајни производство на лажни алкохолни производи, спакувани во оригинални шишиња. Најчесто станува збор за водка и рум.
Овој случај на труење со алкохол е најголем во Чешката Република во текот на последните 30 години.
Преземено од Макфакс.
Пронајдете не на следниве мрежи: