Четири лица се убиени во четвртокот во судирите меѓу полицијата и демонстрантите во близина на американската амбасада во јеменската престолнина Сана’а коишто протестираа против американскиот филм кој го оцрнува исламот, соопшти претставник на јеменските безбедносни сили.
Четири лица се убиени а 34 се ранети во судирите коишто започнаа уште во четвртокот наутро и продолжија до вечерта во близина на зградата на амбасадата на САД во главниот град Сана’а, рекол изворот на AFP.
Претежно младите демонстранти во јеменската престолнина палеле автомобили пред да навлезат преку главната капија во добро утврдената американска амбасада во источниот дел од Сана’а, Некои носеле плакати на коишто пишувало „Алах е најголем“.
Нападот следеше по сличниот врз американскиот конзулат во либискиот град Бенгази во вторникот навечер кога беше убиен амбасадорот на САД и уште тројца Американци.
Се стравува дека антиамериканските протести може да се прошират и во другите муслимански земји.
Демонстрантите, како и во другите арапски муслимански земји, протестираа против филмот произведен во САД со наслов „Невиноста на муслиманите”. Жителите на јеменската престолнина Сана'а ја опколија зградата на американската амбасада и продреа на нејзината територија. Тие запалија неколку автомобили кои им припаѓаат на дипломатите, а исто така скршија и неколку прозорци на зградата на дипломатската мисија.
„Главната зграда на амбасадата е сé уште добро заштитена од страна на безбедносните сили на Јемен и САД, но некои демонстранти успеаја да се искачат на ѕидот околу комплексот згради на амбасадата. Во моментов ситуацијата е под контрола, затворени се улиците коишто водат кон амбасадата, затворена”, претходно во четвртокот изјави претставник на министерството за внатрешни работи на Јемен.
Припадниците на безбедносните сили пукаа во воздух обидувајќи се да го отфрлат налетот на разгневената толпа. За растерување на демонстрантите, исто така, биле искористени и водени топови.
макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: