Грција ќе добие уште време, но не и пари

Еврозоната е подготвена да и даде дополнително време на Грција да ги спроведе реформите, изјави во петок министерката за финансии на Австрија, Марија Фектер по доаѓањето на состанокот на министрите за финансии на монетарната унија во Никозија.

„Грција претстави амбициозен буџет. Ќе и дадеме дополнително време, но веројатно не и уште пари“ изјавила министерката.

Исто мислење по доаѓањето во Никозија изнел и холандскиот министер за финансии Јан Кес Де Јагер.

„Можеби ќе добие уште време, но не и дополнителни пари“ рекол холандскиот министер.

Де Јагер изјавил дека Грција не покажува флексибилност во обидот да добие дополнително време за спроведување на буџетските резови и реформи коишто од неа го бараат меѓународните кредитори.

„Ако дефицитот  биде поголем од очекуваното поради привремената економска криза, би можело да се даде дополнително време, но е пари“ рекол холандскиот министер.

Грција од мај 2010 година зависи од меѓународната позајмица, во замена за непопуларните строги мерки за штедење.

Меѓународните кредитори на Грција, Централната европска банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија, на почетокот на октомври ќе поднесат извештај за состојбата на грчката економија.

Тој извештај е предуслов за нов пакет помош од 31,5 милијарди евра, во замена за коишто Атина мора да ги намали буџетските трошоци за 11,5 милијарди евра.

Од тој пакет суштински зависи иднината и останувањето на Грција во Еврозоната.

Грција на состанокот во Никозија би требало да го претстави конечниот проект за мерките за штедење за 2013 и 2014 година.

макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: