2-ри мај и денес ме потсетува на излет, скара и денот кога го запознав Ричард Гир на Водно

Се сеќавате дека до пред 15-тина години Денот на трудот се празнуваше на 1-ви и 2-ри мај? Два слободни дена за сите, па уште кога ќе се споеја со викенд – милина! Но, 2-ри мај за мене секогаш ќе биде денот кога го запознав Ричард Гир на Водно. Ќе си речете нема шанса, но така е…

Двата слободни дена во мај значеа одмор на кој се радуваа сите. Па кога ќе се погодеа среде недела (како мини викенд) или кога ќе се споеја со викендот – немаше ништо поубаво.
Е тогаш почнуваше вистинска фешта на излетничките места – распослани чаршафи, скара, автомобилот паркиран покрај река, отворени врати и гласна музика што ечи и се меша со музиката од другиот автомобил.
И секогаш беше така, бидејќи автомобилите беа паркирани баш близу еден до друг – местото е тоа, а сите сакаат да одат на излет, мора да се прослави со пиво и скара.

Но, 2-ри мај за мене секогаш ќе биде денот кога го запознав Ричард Гир на Водно. Ќе си речете нема шанса, но така е.
Среде бегалската криза во Косово, Гир слета во Скопје (во април 1999 година), помина неколку дена со бегалците во пограничните кампови и пред да си оди, се врати во Скопје.
Истиот тој 2-ри мај, со мојата тогашна најдобра другарка, оптимистички решивме да се качиме до врвот на Водно.

2-ри мај и денес ме потсетува на излет, скара и денот кога го запознав Ричард Гир на Водно

Стигнавме со мака до Средно Водно, ама со оглед на тоа што не сакавме да се откажеме, решивме патот да го продолжиме по улица наместо по шумските патчиња.
Во некој момент покрај нас поминаа два црни автомобила со затемнети стакла, па почнавме да нагаѓаме кој е внатре – претседателот, некој дипломат или некој битен што сака да остане анонимен, бидејќи немаше друга поента за темните стакла тогаш…
Додека едвај се влечевме по патот нагоре, заборавивме на ситуацијата.

Сè до моментот кога стигнавме до хотел „Панорама“ и решивме дека ни е доста искачување – можеме да пиеме кафе и да се симнеме додека не сме паднале од премор (ниедна од нас две никогаш не била спортски тип, а искачувањето на Водно беше луда идеја).
Како седнавме, додека се вртевме наоколу да го видиме келнерот, на масата до нас, на само 3-4 метри, седеше Ричард Гир со неколку луѓе.

Уф, срцето почна да ми чука како лудо…
Знаев дека мора да направам нешто, да му побарам автограм барем. Пребарав по ранецот и сфатив дека не сум го понела апаратот.

100 пати се покајав што не сум го зела – па кој новинар излегува од дома без апарат (знаете, од оние со 36 пози и филм на развивање). Да, во тоа време немаше многу мобилни телефони, не па мобилни со камера.
Ја фатив другарка ми за рака и не знам колку пати ѝ повторив: „Весна, Весна, Весна, Ричард Гир е до нас“ и едвај се воздржував да не вреснам.
Не дека и таа не беше фан, ама беше посмирена од мене. И почнавме да правиме план – како да му пријдеме, имаме ли ливче и пенкало, што ќе му кажеме, која ќе зборува.

Додека се мислевме, Гир стана и тргна да оди некаде. Следно што се сеќавам е дека бев „залепена“ до него и му викам: „Здравооооо…“.
Се насмеа, рече и тој „здраво“ и ми кажа дека ќе се врати, ама не сака да се слика (и онака немав со што), но дека ќе ми даде автограм ако сакам. И ме допре за рамото.
„Весна, јас местово нема да го мијам цела недела“ – ми беше првата реакција.

А таа се пресмеа.
Ми вели: „Само што сакав да ти кажам дека станува, ти веќе стоеше пред него“.

Кафето го пиевме набрзина, а јас само чекав да се врати. Не поминаа ни две минути откако седна на масата, му пријдовме…
Ни даде автограм на двете, свртевме три реда муабет за тоа како му се допаѓа Скопје и си отидовме.

Додека се смеевме како тинејџерки, нè застана една жена што седеше од другата страна на масата за да праша каков е во живо.
„Хм… понизок од што го замислував и со криви заби, ама шармантен до бесвест. Сепак е Ричард Гир…“

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.