Младиот Борко Ѓорѓиев е еден од најталентираните фудбалери во Хрватска, во интервју за „Пулс24“ вели дека би бил пресреќен доколку еден ден заигра за Македонија, настапува за Хрватската селекција во младите категории, а чека повик од ФФМ.
Уште еден талент ни тропа на портите на ФФМ, тоа е младиот Борко Ѓорѓиев кој моментално игра за хрватски Интер од Запрешиќ, а интересно е тоа што е член на Хрватската фудбалска селекција за играчи до 17 годишна возраст.
17-годишниот Борко Ѓорѓиев има двојно државјанство, Хрватско и Македонско, игра во средината на теренот, на трансфер пазарот вреди 50 000 евра (извор Трансфермаркет).
Јавна тајна е дека младиот и талентиран фудбалер има желба да го облече македонскиот национален дрес и да заигра за Македонија еден ден.
За неговите фудбалски квалитети, неговиот фудбалски потенцијал, погледнете го долунаведеното видео, погледнете го неговиот фудбалски слалом, и ќе ви стане јасно за колку талентиран фудбалер се работи, и каква шанса има Македонија…
Ѓорѓиев веќе е повикан од Хрватската селекција да настапува за неа, забележа дури седум настапи за селекцијата за играчи до 17 годишна возраст, дебитираше со Шкотска на 30-ти август лани.
Инаку талентираниот Ѓорѓиев веќе ја напиша историјата на Хрватскиот фудбал, настапувајќи како најмладот фудбалер што некогаш заиграл во Првата Хрватска Фудбалска Лига. Со само 16 години и 180 денови, Борко дебитираше во првиот тим на Интер Запрешиќ, во дуел со тимот на Шибеник. Според хрватските спортски новинари, тој е вметнат во листата на фудбалери кои располагаат со огромен потенцијал.
*Борко во дресот на Хрватската селекција
Тоа беше и повеќе од повод да спортската редакција на „Пулс24“ направи интервју со младиот и талентиран Борко Ѓорѓиев кој своевремено играше заедно во тимот на Интер Запрешиќ со Александар Трајковски а се познава и со Нуриши Мумин (млад фудбалер кој игра за Динамо Загреб, настапува за Македонија).
Пулс24- Борко, кажи ни ги твоите поврзаности со Македонија…
Борко Ѓорѓиев:Татко ми е роден во Македонија и живеше таму со своите родители до својата 20-та година. Живееше во Радовиш, каде сеуште живее мојата баба и целото негово семејство. Убаво ми е во Македонија, уживам кога се присетувам на неа…
Пулс24- Како прифати да играш за селекцијата на Хрватска, како дојде до тој момент…
Борко Ѓорѓиев:Во текот на постарите пионири на Интер Запрешиќ бев капитен на една премногу добра генерација и прикажувајќи добри партии добив повик да настапам за Хрватската селекција прв пат на свои 14 години. Првиот официјален натпревар го одиграв на 16 годишна возраст.
Пулс24- Стана најмладиот фудбалер што заиграл некогаш во Првата Фудбалска Лига на Хрватска, како помина сето тоа…
Борко Ѓорѓиев:Сезоната 2011/2012 на летните подготовки бев приклучен на тренинзите на првиот тим, со договор дека натпревари ќе играм за јуниорскиот состав, бидејќи бев премногу млад. Меѓутоа со своите залагања на тренинзите, тренерот Илија Лончаревиќ одлучи да ми даде прилика на изненадување на сите нас. Бев премногу возбуден и среќен. Првиот мој натпревар во Запрешиќ за сениорите е дефинитивно најголемиот момент во мојата кариера.
фото: www.wmd.hr
Пулс24- Дали има клубови во овој момент кои се обидуваат да те земат во нивните редови?
Борко Ѓорѓиев:На тоа прашање јас не го знам одговорот. Не се занимавам премногу со тие шпекулации, постојат луѓе кои се грижат за тоа, на мене преостанува само да бидам секој ден се подобар и подобар и да се сконцентрирам на играта.
Пулс24- Твој идол, и зошто е баш тој?
Борко Ѓорѓиев: Мојот идол е Рикардо Кварезма. Затоа што игра преубав фудбал. Со своите потези ја забавува публиката. Често гледам негови видео-клипови на интернет и се обидувам да ги изведам неговите потези на теренот.
Пулс24- Твојот омилен клуб за кој навиваш?
Борко Ѓорѓиев: Омилен клуб ми е Челзи. Премногу ми се допаѓа Премиер Лигата. Сон ми е еден ден да заиграм таму, доколку заиграм во некој тамошен клуб би бил пресреќен…
Пулс24- Според твоите поврзаности со Македонија, го пратиш ли Македонскиот фудбал, имаш ли некакви информации за него, тимови, фудбалери и слично…
Борко Ѓорѓиев:Го пратам Македонскиот фудбал, на баш лигата, но репрезентацијата и играчите да. Горан Пандев е познат во целиот свет, го знам Александар Трајковски, Ибраими, Ристиќ, и слушнав се најубаво за Давид Бабунски од Барселона со кој сме врсници.
Пулс24- Дали некогаш те контактирале од Македонската Фудбалска Федерација?
Борко Ѓорѓиев: Во тоа не сум толку сигурен, мислам дека прашуваа нешто за мене и околу мене, но не беше ништо официјално.
Пулс24 – Доаѓаме до главното прашање, дали некогаш Борко би сакал да го облече македонскиот национален дрес и да заиграш за Македонија?
Борко Ѓорѓиев: Секако дека би сакал, би бил пресреќен доколку би добил повик да заиграм за Македонија и ги бранам нејзините бои на теренот!!!
Пулс24- Што би им порачал на Македонските фудбалски фанови
Борко Ѓорѓиев: Би им порачал да уживаат во фудбалот, бидејќи тоа е најубавата игра во светот, и да се надеваме дека еден ден би ме виделе во Македонскиот дрес.
Спортската редакција на „Пулс24“ упатува јавна благодарност за интервјуто на младиот Борко Ѓорѓиев, и голема благодарност во името на сите искрени љубители на Македонскиот фудбал. Воедно, упатуваме апел, ова интервју да допре до сите вистински љубители на Македонскиот фудбал и до челниците на ФФМ, заедно да допринесеме да ова талентирано момче еден ден го видиме во Македонската национална селекција.
Пронајдете не на следниве мрежи: