ЕУ остро ги осуди нападите врз дипломатските мисии

Европската унија побара во петокот навечер од властите во земјите во кои избија насилни протести против антисиламскиот филм да ја гарантираат безбедноста на дипломатите и „веднаш да повикаат на мир и воздржаност“.

„Најостро ги осудувам нападите врз дипломатските мисии во неколку земји коишто резултираа со губење на човечки животи и уништување на материјални добра во неколку градови“, се наведува во писмената изјава на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Кетрин Ештон.

Десетици илјади муслимани во петокот, најжестоко во арапските земји како Тунис и Судан протестираа против филмот „Невиноста на муслиманите“ снимен во САД за кој сметаат дека го понижува исламот, при што протестите се претворија во насилство и напади врз дипломатските мисии на западните земји во коишто загинаа најмалку пет луѓе а стотици се повредени.

Изразувајќи „голема загриженост“ поради ваквите настани, Ештон ги „повикува властите во сите со насилствата зафатени земји итно да ја гарантираат безбедноста на дипломатските мисии и да го заштитат дипломатскиот персонал“.

„Пресудно е челниците на погодените земји веднаш да повикаат на мир и воздржаност, како што тоа веќе беше случај во повеќе земји“, додава Ештон.

Претходно и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, исто така, во писмена изјава ги осуди како „целосно неприфатливи“ нападите врз германската и британската амбасада во суданската престолнина Картум.

Тие напади се „спротивни на сите правила на цивилизираниот свет и ништо не може да ги оправда“, порача Баросо.

макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: