Во нападот од ноќта кон саботата врз воената база Бастион во немирната јужна авганистанска провинција Хелманд, во која служи британскиот принц Хари кому во сабота му е роденден, загинаа двајца војници на мисијата ИСАФ, но принцот не е повреден, јави AFP.
Нападот бил изведен со пешадиско оружје и минофрлачи околу полноќ по локално време, изјави поручникот Боб Барко, од службата за односи со јавност од меѓународната мисија за помош во безбедноста на Авганистан – ИСАФ.
„Според информациите со коишто располагаме, принцот Хари, познат како капетан Велс, е надвор од опасноста“, изјави поручникот Барко за AFP.
Според него, во нападот загинале двајца припадници на ИСАФ, а ранети се најмалку пет други војници. Според вообичаената практика, мисијата не ги соопштија националностите на настраданите војници, но агенцијата повикувајќи се на неименуван извор во Вашингтон, наведува дека станува збор за двајца американски маринци.
Околу базата во Хелманд веќе нема никакви оружени активности, додал Барко.
Талибаните во понеделникoт се заканија дека ќе направат сé што е во нивна моќ за да го киднапираат или убијат британскиот принц Хари.
Британскиот принц Хари пред околу десет дена пристигна во Авганистан, каде што ќе мине четиримесечна обука на пилот на хеликоптер на Кралските воздухопловни сили. Третиот во редот наследници на британскиот трон, 27-годишниот принц Хари ќе учествува во активни борбени акции против талибаните.
Во 2008 година принцот Хари мина десет седмици на служба исто така во авганистанската провинција Хелманд. Тогаш тој беше принуден да се врати во Велика Британија пред време, бидејќи информациите за тоа каде се наоѓа протекоа во медиумите. Овојпат неговата прекоманда во Авганистан беше позната однапред.
Британското министерство ги оценува ризиците по безбедноста на своите пилоти на хеликоптерите од типот „Apachе” во Авганистан како „ниска”, па затоа мерките за претпазливост овојпат се пониски отколку во 2008 година, кога принцот Хари беше прекомандуван како пилот на авион ловец.
макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: