21 ТОН СО МУНИЦИЈА ЗА ИЗРАЕЛ СО МАКЕДОНСКИ КАМИОН СТАСЕЛЕ ВО ПИРЕЈА, НО… Пристанишните работници не даваат контејнерот да се натовари на брод

Десетици членови на грчкиот синдикат на пристанишни работници го блокираа товарењето на контејнери со муниција наменети за Израел во пристаништето Пиреја, во знак на протест против војната во Газа, изјавија денеска за Ројтерс претставници на крајбрежната стража и синдикатот.

Контејнерот, кој пристигна во Пиреја, главното пристаниште на градот Атина и Грција, содржеше 21 тон муниција, изјави еден од синдикалците за Ројтерс кој сакаше да остане анонимен.

Товарот бил транспортиран со камион од Македонија и требало да биде натоварен на брод со знаме на Маршалските Острови, кој пловел за Израел.

Пред инцидентот, синдикатот на пристанишните работници ги повика членовите да протестираат и да ја блокираат испораката на оружје и муниција наменети за израелската војна во Газа.

„Дојде моментот гласно да кажеме дека нема да дозволиме пристаништето Пиреја да стане отскочна даска за војна. Се бориме за мир… не за учество на Грција во војната!“, се наведува во соопштението на синдикатот објавено на Фејсбук.

Товарниот камион, кој имал важечка транспортна дозвола, бил задржан од пристанишните власти и покрената е истрага за инцидентот, јавува Ројтерс.

По лидерот на синдикатот е издаден налог за апсење, изјави претставник на крајбрежната стража.

Грција го поддржа правото на Израел да се брани по минатогодишниот напад на палестинските милитанти од Газа, но повика на итен прекин на огнот по израелската копнена офанзива врз палестинската енклава за да се стави крај на, како што рече, „незамисливата хуманитарна катастрофа“.

https://x.com/PAME_Greece/status/1847144944907039045?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1847144944907039045%7Ctwgr%5E6728362affaed7f7b3480e4811c5095571db6323%7Ctwcon%5Es1_&ref_url=https%3A%2F%2Fplusinfo.mk%2Fgrci-a-nema-da-uchestvuva-vo-vo-nata-vo-palestina-vo-znak-na-protest-pristanishnite-rabotnici-vo-pire-a-blokiraa-konte-ner-so-munici-a-za-izrael%2F

Пронајдете не на следниве мрежи: