Војновиќ: Трансформацијата на спортските клубови во АД е вистински потег на АМС

 

Камо јас кога играв да беше донесен Законот за спорт кој е вистински чекор за професионализација на врвниот спорт. Во денешно време познавам многу спортисти, особено кошаркари, кои играле по 20 години, сега имаат по 40 години, а немаат еден ден работен стаж, вели Ѓорѓе Војновиќ.

Разговараше: Бојана Стојчевска

 

Ѓорѓе Војновиќ, поранешен кошаркар и член на Одборот за доделување на државната награда 8-ми Септември.Член сте на Одборот за доделување на државната награда 8-ми Септември. Како течеше изборот на носителите на признанијата?
Војновиќ: Најпрво воспоставивме комисија која ги разработи критериумите за лицата кои можат да аплицираат за признанието “8-ми Септември”. Потоа следеше моментот на пристигнување на апликациите и нивното разгледување. Професионално ги разработивме критериумите и морам да истакнам дека одлучувањето беше на највисоко ниво. Најважна работа е што воопшто се воспостави оваа награда. Досега ја имавме наградата 11 Октомври во која во иста категорија се ставени спортот, културата и науката. Потегот кој го направи директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Лазар Поповски наиде на огромно задоволство и благодарност кај целата спортска јавност.

Дали, како поранешен кошаркар, сметате дека е правилно што наградата “8-ми Септември” им се додели на спортските работници, а не на активнисте спортисти, бидејќи наидовте на критика?
Војновиќ: Бидејќи и самиот сум некогашен спортист, сметам дека наградата треба да им припадне на спортските работници кои се луѓе во сенка, но се значајни, а понекогаш и клучни личности за постигнување на високи резултати. На прашањето: Зошто оваа награда им беше доделена на спортските работници, а не на активните спортисти, би рекол дека спортските работници се занимаваат со постигнување на мерливи резултати и на овој начин се наградува нивната повеќедецениска работа. Активните спортисти се наградени од сите институции од државата и чест ми е што АМС ги награди оние кои цел живот работеле, а биле изоставени во наградувањето. Доделувањето на наградата на спортските работници ќе биде поттик и мотив за голем број на тренери, лекари селектори да допринесуваат за повисоки разултати. Со сиот свој спортски кредибилитет, убеден сум дека наградите отидоа на вистинско место. Ние како комисија, бевме свесни за притисокот кој го имавме поради краткиот рок.

Како поранешен спортист, како гледате на новиот Закон за спорт?
Војновиќ: Камо јас кога играв да беше донесен Законот за спорт кој е вистински чекор за професионализација на врвниот спорт. Во денешно време познавам многу спортисти, поготово кошаркари, кои играле по 20 години, сега имаат по 40 години, а немаат еден ден работен стаж. Како овие луѓе кои цел живот ја афирмирале државата еден ден ќе остварат пензија. Од што тие ќе живеат, нивните деца ли ќе треба да ги издржуваат? Среќен сум што се донесе ваков Закон, бидејќи конечно и за спортистите кои ќе станат професионалци ќе се плаќаат давачки, здравствено и пензиско осигурување и по 20 години тие ќе имаат регистриран стаж, што досега беше редок случај. Затоа играчите, спортските менаџери и раководствата на клубовите треба да сфатат дека овој Закон е добар за нив. Повеќе нема да имаме пропаѓање на клубови, а никој да не сноси одговорност за тоа, бидејќи сега клубовите ќе одговараат за состојбата и сами ќе менаџираат.На овој начин е обезбедена иднината на клубовите и спортистите.

Дали локалната самоуправа се вклучи во реализацијата на Законот за спорт?
Војновиќ: Според моите информации многу општини и градови го поддржаа овој Закон и активно се вклучија како акционери на спортските клубови и со тоа се даде почетен импулс за примена на Законот за спорт. Моја искрена препорака до сите оние кои сеуште не се вклучиле е тоа да го сторат што побрзо, бидејќи ваквиот Закон не е ништо ново и оддамна е применет во многу земји, поготово во американскиот професионален спорт, каде градоначалниците се главните акционерии кои имаат активна, а понекогаш и пресудна улога за иднината на професионалните екипи.

Имате ли некој пример по кој се раковидите за реализација на Законот за спорт?
Војновиќ: Начинот на кој треба да се спроведува овој Закон е преземен од САД, како пример би го спомнал еден од најпознатите брендови во американските професионални спортотви, клубот “Грин Беј Пекерс”, екипа која доаѓа од град каде има многу малку жители и каде скоро сите тие се акционери. Овој тим опстојува на едно место повеќе од 50 години, само поради тоа што локалната самоуправа е директно вклучена во водењето на клубот и не му дава можност да пропадне.

Дали сметате дека можат да се направат некои измени на Законот за спорт?
Војновиќ: Измени можат да се направат за Законот да се унапреди, но за да се дојде до тој чекор потребно е час поскоро клубовите да се трансформираат во Акционерски друштва за да почне Законот да се применува. 

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: