Мадрид, 21.09.2012 (Макфакс) – Министерот за спорт во владата на Шпанија, Мигел Карденал, извести дека вкупниот долг, на фудбалските клубови кои се натпреваруваат во првата и втората лига, кон државата изнесува 752 милиони евра.
Министерот потенцира дека се работи за голем долг, истакнувајќи дека во последните неколку години долгот бил значителни намален.
Неговото задоволство не го дели познатиот економист, Хозе Марија Гај де Лебана, кој тврди дека шпанскиот фудбал полека умира.
„Тоа е реалноста, шпанскиот фудбал умира. Според моите процени многу клубови ќе престанат да постојат во следните пет години“, рече Гај.
Економистот своите негативни прогнози ги темели на неразбрливото трошење на 42 шпански професионални клубови од првата и втората лига.
Според податоците за сезоната 2011/2012, сите екипи заедно пријавиле приход од 1,7 милијарди евра, а во исто време имале расход од 1,83 милијарди евра.
Гај вели дека ваквиот начин на работење кој трае веќе долго, едноставно е неодржлив. Тој смета дека голем проблем во шпанскиот клупски фудбал претставува распределбата на телевизиските права, која функционира на тој начин што со големи средства се стимулираат двата најголеми клуба.
„Во подем и понатаму се само Реал и Барселона, додека останатите тонат“, заклучи Гај.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: