Насер Ал Келаифи е првиот не француски претседател на еден од најпопуларните фудбалски клубови во оваа земја, Пари Сен Жермен, кој во своите редови посакува да ги има најдобрите светски играчи.
ПСЖ во летниот преоден рок ги донесе Златан Ибрахимовиќ и Тијаго Силва, а сезона претходно од Палермо пристигна Хавиер Пасторе.
„Парите ни помагаат, но тоа не значи успех. Имаме пари, но не сакаме да ги трошиме како луди. фубалерите во нашиот тим ги имаат истите плати кои ги имаа во своите поранешни екипи“, изјавил Ал Келаифи во разговор за шпанскиот весник Marca.
Претседателот на ПСЖ, во интервјуто открил и дел од идните планови на клубот.
„Минатата сезона целта ни беше да се пласираме во Лигата на шампиони. Оваа сезона ја посакуваме титулата во домашното првенство и да бидеме конкурентни во Лигата на шампиони“.
Ал Келаифи не крие дека во клубот сé уште се заинтересирани за квалитетни засилувања.
„Секако дека ние сме во потрага по новиот Меси. Се надеваме дека ќе успееме да го пронајдеме, бидејќи Меси и Роналдо се најдобрите фудбалери на светот. Би било одлично да ги имате во тимот. Тие се единствени“, вели 39-годишниот претседател на ПСЖ, кој одговорил и на прашањето дали ПСЖ може да го усреќи „несреќниот “ Роналдо.
„Не сакам да разговарам за фудбалери кои играат во други екипи. Ги почитувам Реал и Флорентино Перез. прерано е да се зборува за Роналдо. Да бевме заинтересирани за него ќе дојдевме во Мадрид и ќе преговаравме со Реал, сигурно дека прво преговорите не би ги започнале со фудбалерот“.
Ал Келаифи на новинарот на шпанскиот весник му открил дека му завидува на шпанскиот фудбал, поради талентот и ривалството кое владее во него.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: