Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да се пласираат во финалето на меѓународниот турнир во Ниш. МЗТ, во полуфиналето од кошаркарскиот турнир “Купина куп”, загуби од домаќинот Константин со 70-68 (16-8;12-20;20-20;22-20).
МЗТ на овој меч настапи без повредените Тодор Гечевски и Кирил Николовски кои останаа во Скопје, а дополнителен проблем за македонскиот шампион беше и неиграњето и на Ноа Далман, кој непосредно пред мечот се пожали на стомачни болки поради кои мораше да биде префрлен во нишката болница каде што прими инфузија.
И со преполовен состав, МЗТ Скопје Аеродром имаше шанса да го добие овој меч затоа што на четири минути до крајот на мечот имаше водство од седум поени (60-53), но домаќините до крајот направија серија од 13-4 и дојдоа до целосен пресврт за конечни 68-70 и победа во овој полуфинален дуел.
Најефикасни во составот на МЗТ беа Кејд Дејвис и Дамјан Стојановски со по 17 поени, Урош Николиќ 11, Игор Мијајловиќ 8, Чековски 5, Огнен Стојановски 4, Грнчаров и Марковски со по 3 поени.
Во петок во 18:30 часот, во натпреварот за трето место , МЗТ Скопје Аеродром ќе игра против тимот на Раднички Крагуевац, кој во првиот натпревар загуби од тимот на Левски од Софија со резултат 79-86.
Макфакс
извор: foto mztskopjeaerodorm.mk
Пронајдете не на следниве мрежи: