Каталонија може да прогласи независност од Шпанија по следните локални избори, соопштија агенциите.
Портпаролот на каталонската влада изјави дека автономната област тргнала по патот кон независност и веќе нема враќање назад.
Според него, ова може да се случи преку референдум или еднострано прогласување на независноста од локалниот парламент по изборите.
Изјавата беше дадена по вчерашната средба на шпанскиот премиер Маријано Рахој со каталонскиот премиер Артур Мас, на која Рахој го отфрли барањето областа сама да ја определува својата даночна политика.
По средбата се појавија претпоставки дека Мас може да свика предвремени избори во текот на есента, две години порано од предвиденото, забележуваат германските медиуми.
Каталонија од Брисел побарала да и се дадат „патокази“ за членство во Европската унија и еврозоната како независна држава, пишува британскиот весник „Дејли телеграф“.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Гарсија-Маргаљо ги отфрли стремежите на Каталонија за независност, нарекувајќи го евентуалното отцепување на областа „незаконско и пагубно“. Тој предупреди дека Шпанија ќе го искористи своето право на вето, за да не дозволи Каталонија да стане членка на ЕУ, посочува весникот.
Пронајдете не на следниве мрежи: