Американскиот информатички гигант Apple побара уште 700 милиони долари отштета откако претходно судот во Калифорнија го одобри неговото побарување од милијарда долари, додека јужнокорејскиот Samsung бара обновување на постапката.Во судскиот документ поднесен во петокот доцна навечер „Apple бара дополна на постојната пресуда поради зголемување на отштета за 707 милиони долари“, оценувајќи дека добиената отштета не е доволна за копирањето на патентите на конструкцијата на производите од страна на Samsung.
Apple бара отштетата да ги покрие „сите копирани производи“, се нагласува во документот.
Покрај тоа, од Samsung во друг документ се истакнува дека „притисоците на судот во врска со закажувањето на рочиштата, сведоците и доказите сѐ уште не се видени во ваков сложен и обемен спор поради патентите и му оневозможиле на Samsung да поднесе целосен и објективен список како одговор на многуте тужби на Apple“.
„Samsung затоа со должна почит бара од судот обновување на постапката и време за подготовка, како и непристрасност кон странките“, се наведува во барањето на јужнокорејската компанија што го цитира AFP.
Apple и Samsung меѓусебно се обвинуваат за копирање на патентите пред судови низ целиот свет, кои досега завршуваат со различни исходи.
Apple однесе голема победа во август во САД, кога поротата во сојузната држава Калифорнија побара Samsung да плати глоба поголема од милијарда долари.
Тужбата на американската компанија, пак, беше одбиена на судот во Јапонија, а еден судија во Јужна Кореја нареди меѓусебно плаќање пенали меѓу Apple и Samsung.
На светскиот пазар на паметни телефони, според аналитичката компанија IDC, Samsung е лидер на кој отпаѓа, според податоците за вториот годинешен квартал, удел од околу една третина од испорачаните уреди. Во делот на таблет компјутерите неприкосновен лидер е Apple, неговата линија таблети iPad во истиот период има удел од повеќе од две третини од пазарот, покажуваат податоците на аналитичката компанија Strategy Analytics.
Пронајдете не на следниве мрежи: