Претставникот на Мотоциклистичката федерација на Македонија (МФ) и МК Гого, Игор Спиров го постигна досега најголемиот успех на македонски натпреварувач во рамките на отворениот Источно-европски шампионат во мотоциклизам на кружни патеки.
На крајот од сезоната Спиров го осови четвртото место во генералниот пласман од класата супербајк до 600 ссм.
Годинава, во ова престижно меѓународно натпреварување, се одржаа пет натпревари: по две трки во Плевен и Истанбул и последната, изминатиот викенд на Батајница крај Белград.
Во класата супербајк до 600 ссм настапија вкупно 38 натпреварувачи, а на крајот најуспешен беше Душан Благојевиќ (Србија), пред Ахмет Коџјигит (Турција) и Красимир Михајлов (Бугарија). Спиров на четвртата позицја освои само шест бодови помалку од третопласираниот Михајлов.
Шанса за висок пласман ова сезона имаше и Марин Сугарев од МК Сакамото, во класата спорт јуниор до 125 но поради технички проблеми на мотоциклот во Истанбул на крајот мораше да се задоволи со делба на петтото место, само еден бод зад четвртопласираниот Мартин Вугринец (Србија). Неговиот сонародник Никола Гајиќ ја освои шампионската титула во конкуренција на 23-ца млади мотоциклисти.
Во класата супербајк до 1000 ссм искусниот Сашо Николов (МК Тумац), исто така, заврши на делба на петтото место. Во најбројната класа годинава настапија дури 57 натпреварувачи, а најуспешен беше бугарскиот натпреварувач Димо Неделчев.
Боите на Македонија годинава ги бранеа осум натпреварувачи, а на крајот тимот на Мотоциклистичката федерација на Македонија го освои петтото место зад Бугарија, Србија, Романија и Турција.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: