Француски репрезентативци инволвирани во местење натпревар

 

Ракометари на шампионот на Франција, Монпеље, се под истрага на Регионалната служба на правосудната полицијата во овој град, под сомнение дека минатата сезона наместиле натпревар во домашното првенство, пишува шпанскиот весник Marca, повикувајќи се на телевизијата France 3.

Истиот извор наведува дека осуммина играчи на Монпеље, на свои блиски им помогнале да заработат 200.000 евра, откако на 12-ти мај, во Рен, Монпеље го загубил натпреварот против екипата на Сесон со 28:31. Коефициентот за победа на Сесон била 45:1.

Блиски на играчите на три различни уплатни места (Париз, Монпеље и во Бретања) на пораз на Монпеље уплатиле 5.000 евра. 

Marca пренесува дека инволвирани во целата работа се десетина лица, од кои осуммина се ракометари, тројца од нив се француски репрезентативци, актуелни олимписки шампиони: Карабатиќ, Акамбре и Онрубија. 

Натпреварот немал никакво резултатско значење за Монпеље, кој од претходно ја обезбедил титулата, па Карабатиќ и Онрубија воопшто не настапиле против Сесон.

Поради сомнителниот резултати и големата уплата, од државната лотарија поднеле тужба, по што веднаш се активирала правосудната полиција. 

Многу повеќе работи ќе бидат појасни кога играчите на Монпеље ќе се вратат од Германија, а не се исклучуваат ниту апсења. 

Marca во текстот посветен на овој скандал потсетува дека пред неколку години нешто слично се случи во Германија, со екипата на Кил, но таа истрагата заврши без конкретни резултати.

 

Макфакс

извор: marca.com 

Пронајдете не на следниве мрежи: