Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), го обвини менаџерот на Виган, Роберто Мартинез, поради критиките кои тој ги упати кон судиите по натпреварот на неговиот тим со Манчестер Јунајтед.
„Црвените ѓаволи“, на тој натпревар забележаа победа од 4:0, а Мартинез по мечот изјави дека судиите застанале на страна на домашниот тим.
Менаџерот на Виган, исто така, побарал црвен картон и суспензија за напаѓачот на Јунајтед, Дени Велбек, бидејќи според него тој одглумил пенал.
Спорниот момент се случи на почетокот од натпреварот, кога Велбек влета во шеснаесетникот на Виган, голманот Ал Хабси стартуваше при што дојде до минимален контакт, англискиот репрезентативец падна, а судијата покажа на белата точка.
Голманот на Виган успеа да го одбрани ударот на Чичарито Ернандез, така што тој момент не влијаеше врз конечниот резултат.
„Обвинувањето е поврзано со кршењето на правилата кое се однесува на коментарите во кои се тврди дека судиите или официјалните лица поддржувале една страна“, стои во соопштението од ФА.
Четири пенали од почетокот на сезоната, во шест натпревари (Премиер лига и Лига на шампиони), се досудени за Манчестер Јунајтед, од нив играчите на Алекс Фергусон реализираа само еден, во неделното дерби против Ливерпул.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: