Војската на САД го прогласи Асанж за непријател на Америка

 

Американската војска го прогласи основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж за непријател на државата, поради неодамна објавените документи на разузнавачката служба на американското воено воздухопловство, пренесуваат австралиските медиуми.

Секој припадник на војската кој контактира со интернет ресурсот WikiLeaks, или со неговите приврзаници, ризикува да биде обвинет за „комуницирање со непријателот“, што е злосторство за кое може да следува во најлош случај и смртна казна, се наведува во документите кои се обелоденети во согласност со американскиот закон за слобода на информирањето.

Асанж со ова е ставен во иста правна категорија како терористичката мрежа Ал Каеда и талибаните, наведува австралискиот весник „Ејџ“.

Мајкл Ратнер, американскиот адвокат на Џулијан Асанж кој е австралиски државјанин, вели дека прогласувањето на Асанж и WikiLeaks за непријатели, може да има сериозни импликации за Асанж доколку биде испорачан во САД, бидејќи кон непријателите се постапува во согласност со воените закони.

Асанж на 19-ти јули побара азил во амбасадата на Еквадор во Лондон откако ги исцрпи сите опции во рамките на британското правосудство за да ја избегне екстрадицијата во Шведска каде е обвинет за силување и сексуално злоставување.

Тој тврди дека случајот во Шведска е само дел од заговорот да му се суди во САД поради неговата работа со WikiLeaks, којшто објави бројни американски документи, што Шведска и Вашингтон ги демантираа.

Асанж им се обрати во средата преку видео линк на претставниците на Обединетите нации и во таа прилика го критикуваше американскиот претседател Барак Обама за давање на поддршката на слободата на говорот на Блискиот исток, додека истовремено го прогонува WikiLeaks поради објавување тајни дипломатски документи.

Еквадор соопшти дека е подготвен со години да му пружа засолниште на Асанж во амбасадата во Лондон, ако биде тоа неопходно.

„Нема да ја промениме нашата одлука“ изјави минситерот за надворешни работи на Еквадор Рикардо Патино на состанок во ОН.

Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: