Јапонскиот електронски гигант Sony ќе вложи 645 милиони долари во компанијата Olympus, која ја потресуваат скандали и финансиски губитоци, објавија во петок овие фирми.
Со инвестицијата Sony, кој исто така е во проблеми особено по борбата со конкуранцијата, ќе стане најголем поединечен акционер во Olympus, со сопственички удел од нешто повеќе од 11 отсто.
Компаниите заедно ќе формираат заедничко претпријатие за развој на ендоскоп, апарат кој се користи во хирургијата, се наведува во соопштението.
„Ние од Sonyja агресивно се залагаме за развој на производството во областа на медицинската опрема, со цел да станеме столб на нашето севкупно работење“, вели претседателот на Sony, Казуо Хираи, пренесе AFP.
Sony ќе вложи пари во Olympus до крајот на фискалната година.
Угледот на Olympus, најпознат по производство на дигитални камери и фотоапарати, тешко е нарушен откако неговиот поранешен директор објави дека компанијата прикрила губиток од 1,7 милијарди долари во своите книги.
„Инвестицијата на Sony ќе ни помогне да ја зајакнеме финансиската основа“, вели претседателот на Olympus Хиројики Саса.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: