Трамп се обидел да го убеди Макрон да излезе од ЕУ

За време на состанокот кој американскиот претседател, Доналд Трамп, во април го имаше со францускиот колега, Емануел Макрон, тој побарал од него да ја напушти Европската унија и Франција да склучи билатерален трговски договор со САД, објави весникот „Вашингтон пост“.
„Зошто не ја напуштиш ЕУ?“, наводно го запрашал Трамп, колегата Макрон, кој во својата земја беше избран токму поради неговата проевропска програма.
Ова се наведува во написот во „Вашингтон пост“, кој се повикува на изјави од двајца европски претставници. Еден дипломатскиот извор, за агенцијата „Франс Прес“, ја потврдил содржината на разговорот.


Трамп веќе неколку месеци ја напаѓа ЕУ при што најчесто укажува на, според него, неправедните трговски практики, особено во автомобилскиот сектор.
„Јасно е дека Европската унија е основана за да ги користи САД“, рече Трамп во средата на митинг во Северна Дакота. Американскиот претседател редовно ги напаѓа мултилатералните организации и НАТО.
За време на неодамнешниот Г-7 самит во Канада, тој им рече на своите западни колеги дека Северноатлантската алијанса е подеднакво лоша како и АЛЕНА, северно-американскиот договор за слободна трговија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.