Григорис Делавекурас портпаролот на грчкото МНР, се оградува во име на целата земја, од како што рече морбидната фантазија на некои луѓе, однесувајќи се на информациите кои беа пласирани во македонската јавност дека македонски студент им подлегнал на повредите во солунската болница од страна на екстремичката партија “Златна Зора”.
На веста за наводното убиство на студент Македонец во Солун реагира и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. На својот Твитер профил, тој постирал линк до веста од Македонската меѓународна новинска агенција (МИНА), што објавува вести на англиски јазик.
“Загрижен поради инцидентот во Солун. Воздржаноста и смиреноста мора да надвладеат да не се затрујат односите. Одговорот е во целосна истрага.”
Штефан Филе, еврокомесар за проширување, се изјасни на својот профил на социјалната мрежа Twitter.
Делавекурас побара од Владата во Скопје да биде попретпазлива и да не остава простор за вештачко заострување и пораст на национализмот.
Македонските медиуми кои ја објавија информацијата, се повикаа на она што го имаше напишано Стилјан Самарџиев на својот facebook профил, братучед на наводно починатиот студент Александар.
Вчера вечерта исто така и претседателот на СМК(Светски Македонски Конгрес), Тодор Петров во изјава за МТВ ја потврди смртта на студентот Александар Самарџиев. Тој дури изјави дека „Грција или ќе се менува или ќе ја нема. Тоа е повик за војна“.
Портпаролот на македонската влада Александар Ѓорѓиев денеска изјави дека Владата ќе излезе со реакција по овие информации откако ќе добијат официјална потврда дали се точни. Тој додаде дека преку дипломатските механизми се преземени сите потребни чекори.
Додека грчките институциите негираат, човекот кој ја објави информацијата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, за Нова Македонија денеска изјавил дека момчето навистина било претепано и починало и дека семејството го замолило да молчи за да немаат додатни проблеми во Грција.
За разлика од ова тврдење, дописничката на Канал 5 телевизија јавува дека таков инцидент не бил пријавен ниту во грчката полиција, ниту во болницата во која тврди роднината дека момчето починало, ниту дека бил организиран погреб во селото како што тврди роднината. Но како што известува Нова Македонија, роднината не сакал да даде повеќе информации за тоа како се случила тепачката со образложение дека не сака да предизвика поголеми несакани последици.
Веста за наводниот инцидент беше објавена на речиси сите медиуми во земјава и речиси секаде недостигаа основни информации за настанот.
Тој за Прес 24 и понатаму тврди дека настанот се случил, изјавувајќи дека му е жал што, како што вели „неверните и продадени“ биле лишени од задоволството на директен пренос, но дека правдата мора да се задоволи.
Пронајдете не на следниве мрежи: