Пронајдена првата верзија на Мона Лиза

Експертите тврдат дека десет години пред да ја наслика Мона Лиза што денес се наоѓа во Лувр, Леонардо Да Винчи ја насликал првата верзија на оваа слика. 

Швајцарската фондација “Мона Лиза”, деновиве во Женева ја изложи сликата за која тврди дека е првобитната верзија на најпознатиот портрет на сите времиња.

 

Првата Мона Лиза е помлада, а нејзината насмевка не е толку мистериозна. Боите на оваа слика се потемни, а позадината не е довршена. Швајцарската организација изјави дека деновиве ќе ги објават и доказите со кои ќе се потврди дека онаа Мона Лиза во Париз е всушност дупликат.

 

Од фондацијата истакнуваат дека фактите јасно говорат за автентичноста на сликата и дека очигледно Лиза Герардини влегла во историјата со два портрета, на едениот како помлада, а на вториот како постара.

 

Оваа слика, за која експертите тврдат дека настанала меѓу 1503 и 1505 година во Фиренца, е малку поширока од онаа во Париз, но дефинитивно тоа е портрет на истата жена во истата поза.

 

Сликата на младата Мона Лиза е најдена во 1913 година во еден дворец во Англија. Ја открил англиски колекционер Хју Блејкер, нешто пред почетокот на Првата светска војна. По неговата смрт, сликата ја купил Хенри Пулицер и ја чувал во сеф во швајцарска банка. По неговата смрт во 1979 година, сликата ја наследил неговиот деловен партнер кој умрел пред две години. Тогаш овој портрет бил купен од меѓународен конзорциум.

 

Сепак Мартин Кемп, професор на Оксфорд, се спротистави на изјавите на Швајцарската фондација, истакнувајќи дека портретот на младата Мона Лиза со сигурност не е дело на големиот Да Винчи, пред се заради разликата во стилот и незавршената поздина пред која седи легендарната Лиза, која со векови по нејзината смрт е сеуште актуелна тема.

Пронајдете не на следниве мрежи: