Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска во Атина го увери грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос дека Европската комисија останува посветена на европската перспектива на Западен Балкан, Турција и Исланд и ги поддржува нивните напори на патот кон членство во ЕУ.
– Грција, поради својата географска положба, ќе има најмногу корист од успешното проширување на ЕУ со земјите од Југоисточна Европа, особено со нејзините соседи, Турција, Македонија и Албанија, изјави Филе по средбата.
Во врска со Македонија, како што јави дописникот на МИА од Атина, разговарано е за случувањата во земјата во последните неколку месеци. Филе му објаснил на Аврамопулос како гледа на резултатите од пристапниот дијалог на високо ниво.
– Има позитивна проценка за реформите, се уште треба да го поднесам мојот предлог наредната недела, не можам да откријам што ќе биде препораката на Комисијата оваа година, но да посетам дека последните три години препораката на Европската комисија беше да се почнат преговори со Македонија за членство, нагласи еврокомесарот.
Двајцата дипломати се согласиле околу тоа колку е важно да се реши прашањето за името, и колку е важно да се придвижи Македонија напред во процесот на проширување.
– Се договоривме дека европската перспектива е моќна алатка која ги стимулира земјите да ги преземат потребните чекори и да промовираат мир и стабилност од кои ќе имаат корист и Европската унија и нејзините членки. Затоа е важно да се одржи моментумот на процесот за проширување и под сегашните околности. Процесот за проширување се движи напред. Се разбира земјите што го чекаат проширувањето се соочуваат со многу предизвици и затоа одржувањето на моментумот на процесот за проширување е моќена алатка за да се справат со овие предизвици, изјави Филе.
Аврамопулос потврди дека се разменети мислења за напредокот на земјите во грчкото соседство на нивниот пат кон Европската унија.
– Грција и придава големо значење на политиката на проширување на Европската унија, затоа што веруваме дека таквата политика ќе придонесе за мир, стабилност и развој на нашиот регион, рече Аврамопулос.
Тој повтори дека Грција ги поддржува трите соседни земји на нивниот пат кон ЕУ. Во врска со името, шефот на грчката дипломатија рече дека прашањето било спомнато, но оти тој не одел во детали.
– Решение, кое може да биде взаемно прифатливо, треба да се базира на взаемно почитување на културата и историјата, изјави Аврамопулос.
Еврокомесарот за проширување Филе денеска во Атина имаше средби и со грчкиот премиер Андонис Самарас, како и со заменикот министер за надворешни работи Димитрис Куркулас.
Пронајдете не на следниве мрежи: