Капитенот на фудбалската репрезентација на Србија, Бранислав Ивановиќ, смета дека Белгија е фаворит број еден во квалификациската група А за пласман на Светското првенство во Бразил.
Играчот на Челзи смета дека многу непредвидливи ќе бидат дуелите кои неговата репрезентација ќе ги одигра со соседите.
„Дуелите помеѓу Србија, Македонија и Хрватска ќе бидат непредвидливи, без изразен фаворит. Тие се повеќе од игра, со многу адреналин. Слично ќе биде и на мечевите помеѓу Шкотска и Велс“, смета играчот на европскиот првак Челзи.
Според него Белгија е најголемиот фаворит за освојување на првото место во групата.
„Тие се најсилниот тим во групата. Имаат поголем индивидуален квалитет од Хрватска. Не знаете каде се посилни, во одбраната, средниот ред или нападот. Имаат 30 квалитетни фудбалери и можеби тоа им е најголемиот проблем, кој да игра во првиот тим“, изјавил Ивановиќ за Вечерње новости додавајќи дека неговиот соиграч од Челзи, Еден Азар е најдобриот белгиски фудбалер.
Репрезентацијата на Србија на 16. октомври, во Скопје ќе и гостува на Македонија, претходно на 12. октомври тие во Белград ќе ја пречекаат Белгија.
Макфакс
извор: novosti.rs
Пронајдете не на следниве мрежи: